Македонски Телеком ја надгради 4Г мрежата со нова функционалност

28

telekom

Македонски Телеком ја надгради 4Г мрежата со нова функционалност наречена Агрегација на носители (Carrier Aggregation), којашто припаѓа на новата генерација на LTE напредна мрежа (LTE Advanced).

Надградбата првично е направена во потесното градско подрачје на Скопје и со овој чекор на корисниците им се овозможува поголема брзина на пренос на податоци која се движи до максимални 220 Mbit/s.

Поголема брзина на пренос на податоци ќе имаат оние корисници коишто поседуваат најнова генерација на паметни телефони (категорија 6) кои ја поддржуваат новата функционалност. Моментално, Македонски Телеком нуди седум модели на вакви паметни телефони во својата продажна мрежа.

“Македонски Телеком како технолошки лидер на пазарот, прв ја воведе 4 Г мрежата во Македонија. Како резултат на континуираните инвестиции во инфраструктура, во моментот со 4Г мрежа се покриени 45% од територијата на Република Македонија и 70% од населението. Дополнително, Македонски Телеком инвестираше во значително проширување на својата 3Г мрежа со цел обезбедување на широкопојасни податочни услуги на целата територија на Република Македонија. Па така, Македонски Телеком со 3Г мрежа покрива 93% од територијата и 98% од населението, со што компанијата е апсолутен лидер во обезбедување на мобилни широкопојасни податочни услуги“, велат од Македонски Телеком.

Активностите за проширување на 3Г и 4Г мрежата продолжуваат понатаму со цел на граѓаните да им се овозможат најновите технологии, да им се подобри квалитетот на животот и да се обезбеди најдобро корисничко искуство со најдобрата мобилна мрежа, како еден од клучните фокуси на Македонски Телеком.

Во таа насока, компанијата паралелно со ширење на 3Г и 4Г мрежата ширум државата, ќе продолжи и со надградбата на новата функционалност т.н Carrier Aggregation со цел на повеќе корисници да им овозможи пристап до поголеми брзини за пренос на податоци.