Пивара Скопје, како заедничко вложување на Coca-Cola HBC и Heineken, останува посветена на својата агенда за одржливост во насока на поттикнување одржлив раст и развој. Компанијата во целост е усогласена со најдобрите стандарди за одржливост на двете корпорации на кои им припаѓа.
Coca-Cola HBC неодамна го потврди статусот на глобален лидер меѓу компаниите за производство на пијалаци, според остварените резултати и заложбите за оджливост и заштита на животната средина. Ова следува откако корпoрацијата, втора година по ред е рангирана на прво место во светската индустрија за пијалаци, од страна на глобалниот „Дау Џонс индекс за одржливост“ (The Dow Jones Sustainability Index). Истовремено, за своите напори за намалување на емисиите на јаглерод диоксид во атмосферата, Coca-Cola HBC го задржа првото место меѓу производителите на пијалаци и осмото место на листата ТОП 100 водечки компании кои го формираат FTSE 100 индексот на Лондонската берза.
Потврдувањето на статусот светски индустриски лидер во одржливост ја мотивираше Coca-Cola HBC да ги објави новите амбициозни заложби за заштеда на водата за 30% и редукција на емисиите на јаглерод диоксид за 50% до 2020-та година.
„Горди сме што, како членка на системот на Coca-Cola HBC, учествуваме во исполнувањето на овие заложби, на тој начин придонесувајќи за заштеда на вода, како еден од есенцијалните природни ресурси и во натамошно унапредување на животната средина во Македонија, но и во глобални рамки“, изјави Витце Мутерс, вршител на должност генерален директор на Пивара Скопје, која во рамките на Coca-Cola HBC системот, две години по ред, ја добива наградата за квалитет и одржлив развој, како највисоко признание за реализираните активности и остварените резултати во четири области: квалитет; здравје и безбедност; заштита на животната средина и почитување на највисоките стандарди во деловните операции.
Придонесот на Пивара Скопје во достигнувањето на високите таргети за одржливост на Coca-Cola HBC е реализиран преку спроведување на неколку конкретни проекти, како што се: оптимизација на користењето на топлинската енергија во производството на ПЕТ амбалажа; унапредување на системите за загревање во процесот на производство со подобрување на ефикасноста на задржување на топлината; користење соларна енергија за загревање на техничката и санитарната вода; независен автоматски регулиран систем за загревање на работните простории; употреба на енергетски ефикасни светилки во целата компанија; како и системи за рециклирање на водата која се користи во процесот на производство.
Благодарение на досегашните иницијативи, Пивара Скопје значително придонесе во вкупните вложувања и остварувања на Coca-Cola HBC во областа на одрживиот развој, меѓу кои секако се: директна и индиректна редукција на емисиите на јаглерод диоксид за 7,8% годишно; инвестиции од 5,8 милиони евра во инсталации со кои се овозможи заштеда од 1,1 милиони метри кубни вода, како и 4,3 милиони евра инвестирани во проекти за енергетска ефикасност.
Во составот на Coca-Cola HBC се наоѓаат компании од 28 земји, меѓу кои и Пивара Скопје, кои произведуваат брендови од портфолиото на Coca-Cola за пазар од вкупно 589 милиони потрошувачи. Со годишно производство од повеќе од 2 милијарди единечни пакувања, Coca-Cola HBC е водечки производител на најпопуларните безалкохолни пијалаци на светот.