Пререгистрирани 10.000 невработени, половина не бараат активно работа

47

zavodМинистерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски информираше дека повеќе од 10.000 невработени лица, за еден месец се пререгистрирале во Агенцијата за вработување, согласно новите законски одредби. Од нив околу 4.800 се изјасниле дека не бараат активно работа, а останатите изјавиле дека се активни баратели на работа.

Како што рече министерот, процесот на пререгистрација се одвива добро.

На денешната конференција за социјално претприемништво Ристовски повтори дека со пререгистрацијата никому нема да му биде одземено ниту едно право, туку дека преку неа само ќе се евидентира колку граѓани навистина активно бараат работа.

“Би сакал да ги мотивирам граѓаните да продолжат со своето евидентирање во рамки на Агенцијата соодветно на своето убедување дали сакаат активно да бараат работа или не сакаат. Едноставно ќе се почитува волјата на граѓаните и без разлика дали активно бараат работа или сакаат да бидат евидентирани само за да користат одредени социјални права. Ние ќе го почитуваме тоа во целост и на активните и на пасивните ќе им ги гарантираме сите права гарантирани со устав и закони”, рече Ристовски.

Пререгистрација на невработените лица започна пред околу еден месец.