Што е пазарна капитализација?

1788

chart

Фото: Pexels

Еден од основните параметри што се користи при анализа на капацитетите и перформансите на еден пазар е неговата пазарна капитализација. Овој податок ја покажува големината на анализираниот пазар, како и потенцијалите за вложување во истиот.

Ставањето на овој показател во однос со некои макроекономски податоци, како што е бруто домашниот производ, се добиваат релативни показатели што укажуваат на степенот на развиеност на одреден пазар на капитал во глобални рамки. Па така, пазарната капитализација на берзите ја претставува вкупната вредност на сите хартии од вредност врз основа на понудата и побарувачката на пазарот.

Како се пресметува пазарната капитализација?

Пазарната капитализација за една компанија е производ на пазарната цена на акциите по вкупниот број на емитувани хартии од вредност. На пример, доколку едно акционерско друштво издало еден милион акции и пазарната цена на затворање на берзата на одреден датум е едно евро – пазарната капитализација на таа компанија ќе биде еден милион евра. Доколку цената на акциите се намали или зголеми, соодветно и пазарната капитализација ќе биде помала или поголема.

Големината на компанијата, односно нејзината пазарна капитализација не е единствен параметар за потенцијалите со кои располага друштвото, бидејќи постои одредена категорија на иматели на акции за кои може да се претпостави дека нема да ги продадат акциите. Од таа причина се воведува попрецизно мерење на пазарната капитализација што ги зема во предвид акциите што се наоѓаат во слободен промет – таканаречена Free Float пазарна капитализација.

Free Float пазарна капитализација

Овој вид на капитализација ја одредува вредноста на компанијата што котира на берза, врз основа на утврдена вредност на акциите со кои редовно може да се тргува на организираниот пазар. Тоа значи дека од вкупната капитализација на компанијата не се зема во предвид вредноста на акциите што се наоѓаат во сопственост на оние акционери за кои не се очекува дека во наредниот период ќе сакаат да ги продадат. Во оваа категорија најчесто припаѓаат акции во сопственост на државата или државните институции, стратешки партнери на компанијата, менаџментот на компанијата, како и останати акционери со значително учество во уделот на компанијата.

Институционалните инвеститори, како што се инвестиционите и пензиски фондови, се најактивни учесници во купопродажбата, па затоа обемот на нивните акции се зема во предвид при пресметување на овој вид на пазарна капитализација.

Пресметката на free float пазарната капитализација е особено важно бидејќи ја покажува горната граница за инвестирање на одреден пазар.

Free float пазарна капитализација на Македонска берза

Македонската берза го користи овој начин на пресметка на пазарната капитализација од 2013 година. Оваа мерка се наметна со постапката за задолжителна котација на Официјалниот пазар на берзата. Free float факторот се пресметува врз база на податоците добиени од Централниот депозитар за хартии од вредност.

“Пазарната капитализација на котираните акции на 30.12.2014 година достигнаа 107,76 милијарди денари и бележи зголемување од 4,10% во споредба со 2013 година, додека пазарната капитализација на обврзниците изнесува 5,68 милијарди денари што е опаѓање за 14,15% во споредба со 2013 година“, се вели во Годишниот извештај за работа на Македонска берза.