
Претседателката на Комисијата за хартии од вредност, м-р Бујаре Абази, се обрати на отворањето на 25. Годишна конференција на Македонската берза АД Скопје, што се одржува од 21 до 23 септември 2026 година во Охрид.
Во своето обраќање, Абази истакна дека довербата останува највредниот капитал на финансиските пазари и основен предуслов за нивниот натамошен развој, особено во период на забрзани технолошки промени, европска интеграција и трансформација на регулаторната рамка. „Пред нас е двоен предизвик: од една страна, мораме да изградиме регулаторна рамка која гарантира сигурност и доверба, а од друга страна да поттикнеме иновации и динамика на пазарот“, порача Абази.
Посебен акцент во обраќањето беше ставен на потребата од активирање на домашниот капитал и создавање услови дел од значителните заштеди на граѓаните и компаниите да бидат насочени кон дополнителни можности за инвестирање преку пазарот на капитал.
Претседателката на КХВ нагласи дека пазарот на капитал не треба да се разбира како конкурент на банкарското кредитирање, туку како негово неопходно надополнување, особено при финансирањето на иновативни проекти и обезбедувањето нови извори на капитал за малите и средните претпријатија.
Во контекст на европската интеграција, Абази посочи дека усогласувањето со европските правила не треба да резултира со непотребен административен товар, туку со поедноставни, појасни и пропорционални правила кои ќе го зачуваат интегритетот на пазарот и истовремено ќе ги намалат трошоците за учесниците.
Како значаен исчекор беше истакнато и приклучувањето на КХВ, како единствен регулатор од земја која не е членка на Европската Унија, кон регулаторната иницијатива заедно со седум земји членки на ЕУ. Ова претставува можност за активна размена на искуства, поголема координација и натамошно усогласување на регулаторните практики.
Абази информираше дека со поддршка од Министерството за финансии и во соработка со берзанската заедница се подготвени новите преодни одредби за претстојното усогласување на овластените учесници со новиот Закон за финансиски инструменти, чија примена започнува следната недела.
Новата законска регулатива, како што истакна, треба да ја постави основата за следната развојна фаза на македонскиот пазар на капитал – пазар кој е транспарентен, интегриран и атрактивен за домашните и странските инвеститори и способен да понуди нови инструменти за финансирање на економијата. На крајот од обраќањето, Претседателката на КХВ повика на силно партнерство и континуиран дијалог меѓу регулаторот, Министерството за финансии, овластените учесници, компаниите и инвеститорите.
„Целта не треба да биде само пазар што функционира. Нашата амбиција мора да биде пазар што расте. Пазар што ги претвора заштедите во инвестиции. Регулативата во доверба, а довербата во развој. И, конечно, пазар на кој граѓаните му веруваат, компаниите го избираат, а инвеститорите сакаат да останат“, рече Абази.











