Индиската компанија Аџаи груп е заинтересирана за изградба на хотели од висока категорија, СПА центри и инвестирање во прехранбениот сектор во Малешевијата.
Претставници на компанијата веќе беа во посета на општина Берово со цел да се запознаат со можностите за инвестирање во Малешевијата.
Сопственикот на индиската компанија, Аџаи Синг, со двајца извршни директори и со советникот за меѓународни инвестирања Шрутидара Ариа се сретнаа со градоначалникот Драги Наџински, јавува Миа.
На средбата беа запознати со условите и можностите што ги нуди Малешевијата за развој на туризмот.
Гостите од Индија најавија нивна повторна посета на Берово во првите два месеца следната година, кога ќе понудат и конкретни проекти.
Аџаи груп е мултинационална компанија со ланец хотели и производство на храна и вино.