Африканските земји се насочуваат кон златото за да ги заштитат своите национални валути

68

Земјите од Црниот континент се обидуваат да се осигураат од ризици на меѓународниот финансиски пазар, па се повеќе африкански земји, пред се Нигерија, Уганда, Зимбабве и Мадагаскар, се насочуваат кон златото за да ги заштитат своите валути.

Како што пренесува порталот „Money Metal“, овие земји презеле мерки за зголемување на златните резерви, враќање на своето злато дома, па дури и врзување на сопствените валути за овој вреден метал.

Јужен Судан е последен во низата, со оглед на тоа што минатиот викенд гувернерот на тамошната централна банка најави дека земјата планира да ги прошири своите златни резерви и дека во таа насока ги проучува позитивните примери на земји кои веќе тргнале на тој пат.

На оваа тема зборуваше и централната банка на Уганда која најави програма за купување злато од локалните рудници со цел да се осигура од ризици на меѓународниот финансиски пазар.

Во јуни, Танзанија објави план да потроши 400 милиони долари за шест тони злато, а министерот за финансии Мвигулу Нчемба издаде директива за сузбивање на широката употреба на американскиот долар во земјата.

Нигерија ги зголемува своите златни резерви со тоа што го купува од локални извори, додека централната банка работи на враќање на своето злато во земјата „за да ги ублажи ризиците поврзани со слабеењето на американската економија“.

„Економските показатели како што се зголемената инфлација, ескалацијата на нивото на долгот и геополитичките тензии ги зголемија стравувањата кај нигериските политичари за стабилноста на американскиот финансиски систем“, пишува порталот.

Уште минатата година Мадагаскар спроведе програма за купување домашно злато и откако падна приходот од извозот на ванила.

Годинава Зимбабве ја „заштити“ својата валута со злато – зимбабвешкиот долар беше заменет со зимбабвеско злато. Новата валута првенствено е поддржана од злато, но и од други девизни резерви, вклучително и американски долари.

Примерот на Зимбабве ќе го следи и потпретседателот на Гана и претседателски кандидат Махамуду Бавими доколку победи на изборите.

Како што забележува порталот, сето тоа е последица на бројните ризици поврзани со американската валута, вклучувајќи ја и големата потрошувачка на САД, но и растечкиот американски долг.