Агенцијата за вработување посредува при вработување во инвестициските компании

20

Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, денеска во Прилеп се сретна со невработените и работодавачите и ги запозна со новините на Агенцијата, меѓу кои е и посредувањето на Агенцијата меѓу невработените и работодавачите.
Поповски на средбата констатираше дека електронската берза на трудот е дефинирана.
“Веќе имаме целна група на лица кои бараат работа, ги имаме профилирано преку плановите за работа и веќе ги насочуваме кон работодавците. Минатата година беа отворени 664 субвенционирани места, а оваа година се 584 работни места. Компаниите кои инвестираат во Македонија се поактивно ги бараат нашите услуги. Досега соработувавме со Дрекслер Маер, Комберт и Шуберт во Битола, потпишавме договор и со Амфенол, а активно работиме и со компаниите кои треба да инвестираат во Кичево, Струга и Охрид”, рече Поповски.
Поповски додаде дека во последните три години, ефектот по задржани работници се искачил на 73%.
“Работодавците имаат бројки на дефинирани кадри и образовни профили кои им требаат за во следните години. Во Македонија и Прилеп најмногу се бараат занаетчии и инженери од сите профили. Полека попушта економската криза и вработувањата се зголемуваат”, додаде Поповски.
Според податоците на Агенцијата за вработување во Прилеп има 15.100 невработени лица, од кои само 6.028 лица активно бараат работа.