Агресивното ширење на Inditex му ги зголеми приходите

28

inditexШпанската модна групација Inditex во првото фискално полугодие од оваа година оствари раст на продажбата од 6%, на 7,7 милијарди евра. Во локални валути нето растот изнесува 8%, додека нето добивката на компанијата изнесува 951 милиони евра, 1% повеќе во однос на истиот период лани.

Овој неочекуван раст ги изненади аналитичарите. Најголемата причина за растот на Inditex лежи во агресивното ширење на нови пазари и отворање нови продавници. Најголемиот светски трговец со облека, за шест месеци отвори 95 нови продавници во 40 различни земји.

Освен експанзијата на Zara, најголемиот бренд на Inditex, компанијата отвори прва Pull&Bear продавница во Германија и прва Zara Home во Јапонија. Bershka отвори продавници на многу значајни локации во Јапонија, Сингапур и Шангај.

За време на глобалната криза Inditex работеше подобро од конкуренцијата во малопродажниот сектор, меѓу другото благодарение и на моделот “брза мода”, кој опфаќа брзо производство на ограничени количини ценовно прифатливи верзии на трендовите од модните писти, што овозможува брза реакција на побарувачката.

Во изминатиот период Inditex инвестираше 450 милиони евра во комерцијални и логистички подрачја, што во Шпанија отвори 1.500 работни места. Годинава компанијата вработи преку 10.000 работници и сега брои скоро 123.000 вработени.

Сопственик на Inditex (Industria de Diseño Textil, S.A.) e најбогатиoт Шпанец Аманцио Ортега Гаона. Освен Зара, од неговата компанија излегуваат и брендовите Massimo Dutti, Oysho, Kiddy’s Class, Tempe, Uterqüe, Stradivarius, Pull&Bear, како и Bershka.