Агрокор ќе ја освојува Русија преку српскиот пазар

28

ljerka puljic“Хрватскиот концерн Агрокор пред десет години ја направи првата инвестиција во Србија, во производство на сладолед и смрзната храна, а инвестиравме и во преработка на маслодајна репка и во еден извор на вода, па затоа не се сметаме за странски инвеститори во оваа земја, туку за домашен произведувач. Тоа во моментот кога Хрватска ќе ја загуби повластената позиција во ЦЕФТА ќе ни даде можност да не ни се нарушат трговските позиции во регионот”, вели извршниот потпретседател на Агрокор, Љерка Пуљиќ за Глас Славоније.

Таа истакна дека Агрокор има долгорочна цел да биде регионален лидер. Србија е конкурентна, не само во цената на работната сила, туку и во некои природни ресурси, главно за земјоделието и прехранбената индустрија, но Агрокор се уште не ја искористил стекната позиција во оваа земја за ширење и на други пазари.

“Во блиска иднина гледаме на српскиот пазар како на потенцијал за излегување најнапред на рускиот пазар и на останатите, би рекла источни пазари, каде Србија како земја има преференцијални услови за тргување. Тоа е следниот чекор во кој ќе инвестираме”, вели Пуљиќ.

Пуљиќ неодамна изјави дека големите компании треба да се фокусираат на пазари со голем раст, а тоа во моментов се Русија и Турција.