Агрокор воведе нов концепт на пазарење во Хрватска – Конзум клик

27

konzum

Најголемиот малопродажен ланец во Хрватска, Агрокор, во текот на изминатиот викенд го пушти во употреба Конзум клик, високо автоматизиран дистрибутивен центар наменет исклучиво за интернет продажба.

Инвестицијата вредна скоро четири милиони евра вклучува изградба и опремување на логистички центар со површина преку 5.000 метри квадратни и целосен редизајн на интернет страните за онлајн шопинг.

При онлајн пазарење, минималната вредност на нарачката е 26 евра, а за нарачки повисоки од 65 евра, доставата е бесплатна. Во центарот се достапни 8.000 артикли, а асортиманот ќе се шири според желбите и потребите на потрошувачите. Тест доставата веќе стартуваше пред 10 дена и резултатите се одлични, пишуваат хрватските медиуми.

Хрватскиот онлајн пазар вреди околу 280 милиони евра. Онлајн малопродажбата генерално бележи раст од 24% годишно, но нејзиниот удел во вкупната малопродажба сè уште е само 4%, што е помалку од европскиот просек кој се движи околу 7%.