АХВ: Да не се купува неодобрена храна за спортисти преку социјалните мрежи

47

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги интензивира активностите за заштита на правата на потрошувачите при електронска, односно таканаречена онлајн продажба на прехранбени производи, како и на производите од групата додатоци во исхраната, храна за диети, чаеви и слични производи наменети за специфични категории потрошувачи, како што се малите деца и спортистите, стои во соопштението.

Во овој период, исклучително популарна е продажбата на храна наменета за спортисти, којашто покрај регистрираните увозници и трговци, според анализите на Одделението за спречување на измами со храна при АХВ, нелегално се продава и преку социјалните мрежи.

Како одговорна институција за безбедноста на храната и заштитата на здравјето на потрошувачите, од АХВ апелираат до граѓаните да внимаваат при онлајн набавката на овој тип храна, бидејќи покрај во легалната продажна мрежа и преку Е – продавниците, преку социјалните мрежи нелегално се продава и храна за спортисти којашто не е одобрена од Агенцијата за храна и ветеринарство и не е безбедна.

Ваквите производи покрај тоа што претставуваат нелојална конкуренција на легалните домашни производители, увозници и трговци, сериозно може да го загрозат здравјето на граѓаните. Од АХВ апелираат до потрошувачите да се воздржат од набавка на овој тип храна преку социјалните мрежи, каде таа најчесто нелегално се нуди и продава.

На интернет страната на Агенцијата за храна и ветеринарство www.fva.gov.mk, во Регистарот на производи кои ги исполнуваат посебните барања за безбедност како додатоци на исхрана https://drive.google.com/file/d/1GtHx2EtVRdf6aFLfLIki84jRvMVs3TPu/view и Регистар на производи коишто ги исполнуваат посебните барања за безбедност како храна за посебна нутритивна употреба https://drive.google.com/file/d/1sNwPwsTpyyIExrsIa-CZrtpyku3DWjZ_/view, потрошувачите може да проверат дали одреден производ од оваа категорија кој планираат електронски да го набават, е одобрен од АХВ, а со тоа е и безбеден за употреба.

Од АХВ апелираат до граѓаните до Агенцијата за храна и ветеринарство да ја пријават секоја нелегална продажба и на оваа категорија производи, лично во АХВ, на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22 или електронски на [email protected].

Фото: Pexels