АХВ: Уништени повеќе од седум тони небезбедна храна во мај

26

Инспекторите за храна, официјалните ветеринари и операторите со храна во мај годинава уништиле повеќе од седум тони небезбедна храна од животинско и неживотинско потекло. Во внатрешниот промет, во истиот временски период спроведени се вкупно 5.534 инспекциски контроли, од нив 4.035 редовни, 528 контролни и 971 вонредна инспекциска контрола, стои во соопштението на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Изречени се вкупно 636 инспекциски мерки, донесени се 462 решенија, 149 едукации, а изречени се и две парични казни. Истиот месец за сторена повреда на прописите од областа на безбедноста на храната, поднесени се и две прекршочни пријави.

На граничните премини биле извршени контроли на 4.194 пратки храна од неживотинско потекло, но не е изречена ниту една мерка забрана за увоз. Во мај годинава спроведени се и 1.188 контроли на пратки со предмети и материјали кои доаѓаат во контакт со храната коишто исто така биле во ред.

За извоз на храна од животинско потекло во мај издадени биле 347 сертификати, а за пласман на храна од неживотинско потекло на странските пазари 341 сертификат. Инспекторите за храна и официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство, од јануари до крајот на април спроведоа вкупно 23.392 инспекциски контроли во внатрешниот промет, при што за констатираните недоследности изрекоа вкупно 2.555 мерки. Како небезбедни инспекциските служби на Агенцијата и операторите со храна во овој временски период нештетно уништија повеќе од 130 тони храна.

Фото: Pixabay