АХВ заплени 4,5 тони путер со поминат рок

58

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изминативе две недели спроведе акција за контрола на млечни производи од увоз во млекарницата Евро Млекара ДООЕЛ, Скопје. Во неколку последователни контроли во млекарницата и кај дел од нејзините дистрибутери, повлечени се вкупно 4.325 килограми увозен путер, за кој е утврдено дека е со изминат рок до 2019 година. Производот е повлечен бидејќи е утврдено дека рокот на декларацијата на производот (13.02.2021 година) не соодвествува со увозната документација за производот, според која, рокот на употреба бил до 2019 година.

Од страна на АХВ, потоа се спроведени дополнителни контроли во истата млекарница и кај дел од дистрибутерите. При тоа, запленети се нови количества на путер со изминат рок на употреба, со што вкупната количина на запленет увозен путер за кој застапник е млекарницата Евро Млекара ДООЕЛ, достигна скоро 4,5 тони. Дополнително ќе се спроведат контроли и на останатите производи од оваа млекарница.

Целокупното количество на увозен путер со поминат рок, ќе биде уништено на депонијата Дрисла. Контролите од страна на АХВ продолжуваат и во текот на следната недела на повеќе млечни производи од различни домашни и странски млекарници, што се продаваат на македонскиот пазар. АХВ, како што се наведува, ќе постапи неселективно и во рамките на своите надлежности кон сите што ги прекршиле законските правила за продажба на производи. Со оваа акција на АХВ е спречено загрозување на здравјето на граѓаните со небезбедни производи

Фото: Freepik