Францускиот производител на авиони Airbus патентираше систем на качување и симнување на патници во авионот преку подвижна (модуларна) кабина, пишува The Verge.
Според овој систем, патниците може да седат во кабината пред да пристигне нивниот авион. Модуларната кабина ќе се одвои од трупот на авионот и со повеќе дигалки да се пренесе на терминалот. Штом седнат сите патници во кабината, кабината повторно ќе се прикачи за авионот.
Се верува дека со овој патент ќе се олесни качувањето и симнувањето на патниците во и од авионот. Доколку почне да се применува овој систем, целосно од употреба ќе се исфрлат скалите за влез во авионот, автобусите за возење на патниците и мостовите за влез во терминалот.
Можно е со овој систем да се заштеди време бидејќи механичарите би можеле да го проверат авионот додека патниците се сместуваат во кабината.