AirDonkey претставува старт – ап идеја од Данска, чија цел е изнајмување на велосипеди, на сличен принцип како глобалните сервиси Uber и Airbnb.
“Со користење на нашиот ’паметен’ катанец, вашиот велосипед можете многу лесно да го изнајмите. Додека уживате во дополнителна заработка, им овозможувате на туристите да уживаат во вашиот град и тоа на две тркала“, стои на официјалната страница на AirDonkey.
Главната цел е да ги поттикнат сопствениците на велосипеди да ја споделат нивната љубов кон велосипедизмот со други луѓе, а притоа и да заработат дополнителни средства.
Првиот чекор е да се порача специјалниот AirDonkey катанец, којшто потоа треба да се постави на велосипедот. Сопственикот ќе треба да го постави својот “миленик“ на две тркала на соодветно обележано место и да го слика. Секој кој сака да го изнајми својот велосипед ќе треба да креира сопствен профил на AirDonkey и да ја инсталира посебната апликација. Од вкупниот износ на наплатени средства од изнајмениот велосипед, 80% се распределуваат за сопственикот, а 20% за креаторот на оваа идеја.
Додека го изнајмува, сопственикот може да го следи движењето на неговиот велосипед преку апликацијата.
Од AirDonkey најавуваат дека нивната идеја наскоро ќе се пронајде на глобалната платформа за групно финансирање Kickstarter.