Ајфеловата кула затворена поради штрајк

Париската Ајфелова кула, една од најпопуларните туристички атракции во светот, денеска е затворена поради штрајк на нејзините вработени, соопштија за француската новинска агенција АФП синдикатите CGT и FO. Причина за штрајкот е незадоволството од финансиското управување со атракциите.
Градското јавно претпријатие SETE (Societe d’Exploitation de la tour Eiffel), кое управува со кулата, на својата веб-страница напиша дека „во понеделник ќе има прекини при посетата на споменикот“, пренесува AFP. Таа им препорача на сопствениците на билети да ја проверат ситуацијата пред да пристигнат или да ја одложат посетата. Операторот на кулата побара од сопствениците на е-билети да ја проверат нивната е-пошта за дополнителни информации.

Синдикатите го критикуваат менаџерот за бизнис моделот, кој, според нив, се заснова на надуена проценка за идниот број на посетители, а во исто време ги потценува трошоците за одржување.

Ова е втор штрајк на вработените во Ајфеловата кула за два месеци и може да биде продолжен, според синдикатите. Првиот штрајк вработените го организираа лани во декември, на 100-годишнината од смртта на инженерот Густав Ајфел.

Во заедничката изјава, синдикатите CGT и FO го повикаа градот Париз „да биде разумен во своите финансиски барања за да обезбеди опстанок на споменикот и компанијата што управува со него“.

Речиси седум милиони посетители ја посетуваат Ајфеловата кула секоја година, од кои околу три четвртини се странци, според веб-страницата на Ајфеловата кула. За време на пандемијата „Ковид-19“, бројот на посетители нагло опадна поради затворањата и ограничувањата за патување, но се зголеми на 5,9 милиони во 2022 година.

Бројот на посетители на Париз се очекува да се зголеми ова лето, бидејќи француската престолнина е домаќин на Олимпијадата, наведува АФП.