Акциите на Алкалоид, Комерцијална банка и Прилепска пиварница најтргувани во јануари

25

analizi akcija

Акциите на компаниите Алкалоид, Комерцијална банка и Прилепска пиварница се најтргувани во јануари, покажуваат податоците на Месечниот статистички билтен, објавен на Македонска берза.

Хартиите од вредност на Алкалоид учествуваат со 31,31% во вкупниот промет со 140 трансакции. Зад нив се акциите на Комерцијална банка со 20,55% или вкупно 118 трансакции во јануари. На трето место се најдоа акциите на Прилепска пиварница со 11,72% учество во прометот со 21 трансакција.

Најголем раст на вредноста на акциите во јануари забележаа оние на ФЗЦ 11 октомври со скок од 37,39%, потоа следат хартиите од вредност на Комерцијална банка со пораст од 9,35%, а трети акции со најголем пораст се акциите на Прилепска пиварница со зголемување од 3,07%.

Акциите на Бетон Струмица забележаа најголемо опаѓање од 52,49%, потоа следат хартиите од вредност на Арцелормиттал (ЦРМ) со намалување од 22,22%, а зад нив се најдоа акциите на Арцелормиттал (ХРМ) со пад од 19,23%.

Пазарната капитализација во јануари изнесуваше 103.093.037.194 денари, што е намалување за 2,16% во однос на претходниот месец. Голем пад од 82,47% е забележан кај прометот и тоа од 128.317.326 денари. Намалување од 24,17% има кај бројот на трансакции, кои се позиционираа на 750. Индексот МБИ10 во јануари забележа пораст од 1,64% и беше на ниво од 1.874,42 поени.