Акциите на Комерцијална, Алкалоид и Фершпед најтргувани во 2014

30

makedonska berza

Акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Фершпед се најтргувани хартии од вредност на Македонска берза во 2014 година, покажува годишниот статистички билтен.

Хартиите од вредност на Комерцијална банка учествуваат со 1.582 трансакции, односно 124.267 акции по просечна цена од 2.099 денари. На второ место се акциите на Алкалоид со 1.686 реализирани трансакции по што е остварен промет од 213.725.203 денари, односно истргувани се 49.131 акција.

Со 194 трансакции, на трето место се најде Фершпед. Во текот на 2014 година се истргувани 961 акција по просечна цена од 65.844,98 денари.

Во текот на изминатата година, акциите на Скопски пазар забележаа скок од дури 161,56%, потоа зад нив се оние на Хотели Метропол со пораст од 153,15%, додека на трето место се најдоа хартиите од вредност на Агро Куманово со 143,33% во плус.

Со пад од 82,96%, односно со најголем пад се најдоа акциите на Жито Караорман од Кичево. Потоа следат акциите на Јака 80 Радовиш со пад на вредноста од 75,95%, додека трети по пад во 2014 година се акциите на Фершпед со 68,40%.

Пазарната капитализација на Македонската берза во 2014 година е на ниво од 105.370.997.921 денари, што во споредба со истиот период лани, е пораст од 2,58%. Кај прометот, како што покажува билтенот, има значителен пораст од 169,10% и има вредност од 8.704.057.897 денари. Пад од 1,38% има кај бројот на трансакции – 13.398, додека индексот МБИ 10 забележа пораст од 6,06% и се позиционираше на 1.844,20 поени.