Акциите на „Рено“ најмногу паднаа на берзите во ЕУ

Европските берзи малку пораснаа по падот од минатата недела, и покрај ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран за време на викендот. Паневропскиот индекс STOXX 600 порасна околу 9:30 часот наутро за 0,2 проценти, на 546 поени. Во исто време, франкфуртскиот DAX порасна за 0,27 проценти, на 23.580 поени, лондонскиот FTSE индекс за 0,19 проценти, на 8.867 поени, а парискиот CAC за 0,48 проценти, на 7.721 поен.

Цените на акциите на производителите на нафта и гас најмногу пораснаа, во просек за 1,1 процент, поради зголемувањето на цените на суровата нафта, бидејќи се стравува дека конфликтот меѓу Израел и Иран ќе ги наруши испораките од Иран, деветтиот најголем производител на нафта во светот.

Инвеститорите беа охрабрени од најновите податоци од Кина дека малопродажбата пораснала за 6,4 проценти на годишно ниво во мај, што е најбрзата стапка на раст на малопродажбата од крајот на 2023 година, поради владините субвенции. Овие податоци се дополнително охрабрувачки бидејќи втората најголема економија во светот се бори со дефлација.

Цената на акциите на Керинг, матичната компанија на Гучи, порасна најмногу, за 7,2 проценти, по извештаите дека Лука де Мео ќе стане нов извршен директор.

Цената на акциите на Рено падна најмногу, за 5,6 проценти, бидејќи беше објавено дека јапонскиот Нисан планира да го намали својот удел во францускиот производител на возила.

Фото: Pixabay