Ако немаш храброст, не можеш да успееш во бизнисот

574
vlado naslovna
Владимир Сарафиловски, сопственик на веледрогеријата Фармас МН и косопственик на ланецот аптеки Орхис фармација

Владимир Сарафиловски е сопственик на веледрогеријата Фармас МН и косопственик на ланецот аптеки Орхис фармација. Во овој сектор е преку 30 години, а со сопствен бизнис започнува во 2008 година. Според него, за да се истрае и успее во работата, потребни се знаење, искуство и упорност.

БИ: Колку време сте во фармацијата? Како почнавте со сопствен бизнис?

Во фармацијата сум веќе 31 година. Во Градски аптеки поминав 17 години, четири години во претставништвото на Лек Љубљана во Скопје, четири години во Кемофарм Скопје. Тоа патешествие траеше до 2008 година, кога во некаков сплет на околности, формирав сопствена фирма, Фармас МН. Истата година основав уште една фирма, Орхис фармација, како пандан на првата. Првата е големопродажба, веледрогерија, а втората е малопродажба, аптеки.

Фирмата во малопродажбата е побрзорастечка од веледрогеријата. Почнавме со една аптека, сега имаме 12 работни единици и 27 вработени низ цела Македонија. Заедно со веледрогеријата, имаме 40 вработени. Сето тоа е резултат на самоодрекување, на многу прекувремени работни часови, на многу брзо темпо на работа. Таквиот начин на работење бара многу самопожртвуваност и истрајност, а нормално, треба да бидеш и храбар.

БИ: Сте се одлучиле да започнете сопствен бизнис во време кога започна кризата, но сепак успеавте за кратко време да станете брзорастечка компанија. Како успеавте во тоа?

farmas 1Периодот во којшто работам, од 2008 до сега, може да се каже дека е најтешкиот период за бизнис во Македонија, почнувајќи со кризата, па до новините што се внесуваат во работењето. Сето тоа треба да се работи покрај тековното работење, да се спроведе законската регулатива, за да дојдеш во ситуација да работиш и позитивно и според законските прописи. Таква една работа бара голема жртва и голема истрајност. Ако немаш храброст, не можеш да успееш во бизнисот. Упорноста, истрајноста и вербата во себе, нормално и познавањето на бизнисот во којшто работиш, можат да придонесат да успееш во нешто или да бидеш на границата на успехот. Ние сме фирма што е релативно млада, но успеавме да се одлепиме од она што значи мала фирма. Со знаењето, со стручниот тим сакаме да бидеме самостојни и ефикасни, а да останеме стабилни, на нозе. Познавајќи го бизнисот во Македонија во секторот на фармацијата, ги употребувам сите можни инструменти и знаења за да се одржам на нивото на кое работиме.

БИ: Како се носите со конкуренцијата, особено со поголемите компании?

Поставеноста е таква што едноставно големите компании се тие што на некој начин можат да го диктираат пазарот во Македонија. Но повторно ќе кажам, знаењето, искуството, упорноста овозможуваат да се истрае во работата и покрај конкуренцијата.

vlado 2

БИ: Кои се најголемите предизвици во овој сектор?

Кога сме кај проблемите, проблеми има секаде, меѓутоа треба да се дојде до позиција тие проблеми да не претставуваат тешкотија во самото работење. Кај помладите фирми, со помал стаж, предизвиците се поголеми, затоа што има многу работи што треба да се средат, да се направат. Не е исто како кога некој има 20 години километража. Поголема километража значи поголема сигурност во работењето. Меѓутоа се бориме, малата километража ја дополнуваме со работење, со знаење.

БИ: Какви се Вашите планови за во иднина?

magacinСо тенденција сме да растеме со двете фирми. Кога станува збор за Орхис фармација, во план ни е отворање на нови аптеки. Бројот на аптеки во Македонија е голем, па затоа за отворање на нови аптеки пред се треба да се најде соодветно место, соодветни услови, за да има економска исплатливост. Кога зборуваме за веледрогеријата, планираме да освојуваме нови фирми и застапништва. Фирмите што треба да дојдат во Фармас МН треба да бидат конкурентни, да бидат со стабилно педигре и да можат да бидат потпора и поддршка на она што Фармас МН го работи во делот на учество на тендери и во набавка на специјална роба. Опремени сме со комплетен ладен ланец, што значи дека имаме можност да работиме со вакцини и хормони кои бараат посебен режим на чување, посебен режим на транспорт. Многу вложувавме во оваа фирма. Нормално, штом е влогот поголем, треба повеќе време, повеќе знаење, повеќе искуство да се врати вложеното.

Сакаме да прераснеме во компанија каде стабилноста на вработените ќе биде на прво место, а за тоа е потребно многу одрекување и многу работа, многу вложување, не само материјално. Тоа е некаков предуслов за успех.

БИ: Што ќе им препорачате на идните претприемачи, на оние што планираат да започнат сопствен бизнис?

На младите би им препорачал прво да поработат некаде, да добијат некакво искуство, за да не влезат на непозната територија, да не ја познаваат материјата. Прво нека стекнат некакво искуство, па тоа искуство да го интегрираат во сопствениот бизнис.

Ако се подготвени да почнат нешто да работат, треба да бидат храбри и сигурни во себе. А ако прашањето е кога треба некој да отвори нешто свое и да почне да работи, одговорот е – сега.