Актуар: Сериозна и одговорна професија во осигурителниот бизнис

982

Актуарите се стручни лица, едуцирани од областа на математика, статистика, веројатност и финансии. Актуарите поседуваат аналитички и деловни вештини кои ги применуваат при анализа на финансиска неизвесност и ризици за целите на комплексните финансиски и социјални системи во целиот свет.

Какви одговорности има овластениот актуар?

Овластениот актуар е должен да ја провери усогласеноста на податоците во годишните сметки со осигурителните сметководни стандарди и правилноста на пресметките во годишните сметки во однос на формирање на техничките резерви и другите резерви на друштвата за осигурување. Исто така е должен да провери дали премиите и техничките резерви се пресметани, како и дали истите се пресметани и издвоени на начин којшто ќе овозможи долгорочно исполнување на обврските кои произлегуваат од договорите за осигурување од страна на друштвото за осигурување. Oвластениот актуар издава потврда и ја поднесува до друштвата за осигурување и до Агенцијата за супервизија на осигурување во одреден рок. Трошоците за ангажманот, паѓаат на товар на друштвото за осигурување.

Органот на управување на друштвото за осигурување е должен да ги обезбеди сите потребни податоци за вршење на работите. Кон мислењето за годишната сметка на друштвото за осигурување, овластениот актуар до органот на управување и надзорниот орган на Друштвото за осигурување е должен да поднесе и извештај со мислење во врска со спроведената супервизија во претходната година.

Извештајот треба да ги содржи причините за позитивното мислење, мислењето со резерва или пак негативното мислење на овластениот актуар во врска со годишната сметка. Доколку овластениот актуар при вршење на својата работа, утврди дека премиите не се пресметани, а техничките резерви не се издвоени или пак тие се пресметани и издвоени на начин којшто ја загрозува долгорочнатa способност на друштвото за осигурување за исполнување на обврските кои произлегуваат од договорите за осигурување, истиот е должен веднаш да го извести органот на управување на друштвото за осигурување доколку органот на управување не го земе предвид извештајот на овластениот актуар, актуарот е должен за тоа веднаш да ја извести Агенцијата за супервизија на осигурување.

Услови за работа како овластен актуар

За добивање дозвола за работа како овластен актуар, лицето мора да ги исполнува следниве услови:

  • да има завршено четиригодишно високо образование VII/1 или студирал според Болоњската декларација и има 240 кредити според европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС);
  • да има положено стручен испит потребен за работа како овластен актуар;
  • да има најмалку една година работно искуство во областа на осигурувањето или супервизија на осигурувањето;
  • да не извршувало функција на лице со посебни права и одговорности во друштво за осигурување или друго правно лице над кое е отворена стечајна постапка и
  • да не му е претходно одземена дозволата за работа како овластен актуар.

Покрај одредбите, лице кое има положено стручен испит за вршење работи како овластен актуар во странство може да добие дозвола за работа како овластен актуар во Република Македонија, доколку ги исполнува и следниве услови:

  • квалификацијата на лицето да е со стандарди не пониски од стандардите што се бараат и
  • лицето успешно да го положи испитот со кој се обезбедува дека тоа лице има адекватно знаење на законите и праксата во Република Македонија потребни за работа како овластен актуар во Република Македонија.

Во Република Македонија функционира Македонското актуарско здружение Актуар, основано во април 2004 година. Актуар е стручна организација чија намера е да ги унапредува актуарските дисциплини, нивната практична примена и стручното усовршување и образование на актуарите на подрачјето на Република Македонија.