Al Jazeera објави дека ја купува Current TV, кабелска телевизија која со партнери ја основа поранешниот американски потпретседател Ал Гор. Со ова се зацврстува влијанието на катарската телевизија во САД.
Не е познато под кои услови е договорена продажбата, но аналитичарите проценуваат дека би можело да станува збор за бизнис договор од 500 милиони долари.
Со оваа аквизиција Al Jazeera најави дека ќе започне нов информативен канал кој ќе можат да го следат преку 40 милиони американски домаќинства. Сега Al Jazeera, која ја контролираат катарскиот емир и неговата фамилија, ќе стане силна конкуренција на американските информативни канали CNN, MSNBC и Fox.
Новиот канал ќе започне да се емитува во текот на оваа година, а седиштето ќе му биде во Њујорк.