Албанија со историски највисок буџет во 2025 година, проектиран на 8,2 милијарди евра

103

Албанската влада за следната година планира историски највисок буџет, проектиран на 822,7 милијарди лека или 8,2 милијарди евра, што е за 600 милиони евра повисок во однос на оваа календарска година.

Со Нацрт-буџетот се предвидува да се продолжи со финансирање, во значителен обем, на јавни инвестиции во просек од 6,1 отсто од Бруто домашниот производ, кои ќе бидат насочени кон финансирање на проекти од стратешко значење и поврзани со планот за раст на ЕУ.

-Планираните расходи се однесуваат на дигитализацијата, транспортот, националната безбедност, здравството, образованието и земјоделството и руралниот развој.

Буџетските приходи за 2025 година се предвидени на 7,5 милијарди евра или 28,8 отсто од БДП.

Владата предвидува задолжување на странскиот пазар со еврообврзница во износ од 600 милиони евра, објавија албанските медиуми.

Се предвидува и значително намалување на нивото на јавниот долг на околу 55,8 отсто во 2025 година.

Бруто јавниот долг се очекува да падне на околу 55 отсто во 2026 година и понатаму на околу 48,5 отсто во 2031 година.

За следната година е предвиден фонд за индексирање на пензиите во износ од 1,6 милијарди лека, додека за новогодишен бонус за пензионерите планирани се 3,75 милијарди денари.

Економијата на земјата се очекува да се зајакне во среднорочниот период 2025-2027 година, во просек на ниво од 3,9 отсто, главно под влијание на инвестициите во градежништвото, како и на туризмот, како стратешки сектор.