Албанска група планира преземање на концесија за аеродром во Тирана

Албанската група Кастрати наводно преговара за преземање на концесија за аеродромот во Тирана од кинески инвеститори, пренесуваат тамошните медиуми.

Меѓународниот аеродром Мајка Тереза во Тирана во овој момент е единствениот активен аеродром во Албанија, со којшто од октомври 2016-та година управува инвестициона компанија со седиште во Хонгконг.

Кастрати група преговара за купување на акциите од кинеската фирма Real Fortress Private Limited, којашто е 100% сопственик на акциите на аеродромот во Тирана и се очекува трансакцијата да биде завршена во следните неколку денови.

Инаку, Кастрати е најголема бизнис група во Албанија, којашто се занимава со продажба на горива, а во последните години го прошири бизнисот на други сектори, како што се осигурување, градежништво и туризам.

Прометот на групата во 2019-та година изнесуваше околу 730 милиони евра, што е најдобар резултат од почетокот на нејзиното основање.

Фото: Freepik