„Алчноста не стивнува“: Трговски ланец ги исфрла познатите брендови од своите полици

532

Германскиот трговски ланец Едека ја продолжува ценовната војна со производителите на познати брендови. Директорот на најголемиот германски ланец упати сериозни обвинувања кон меѓународните корпорации.

Едека ги обвини големите производители на брендови за „алчност“ и сака да го продолжи конфликтот со корпорациите како Procter & Gamble, Mars и Pepsi.

„Во моментов имаме 17 компании кои не снабдуваат“, изјавил за новинарите претседателот на Управниот одбор Маркус Моза.

Тој рече дека меѓу нив се и гигантите за стока за широка потрошувачка како што се Procter & Gamble, Mars и Pepsi, како и делови од Henkel, Schwartz и Unilever.

Едека не сака да ги прифати цените што ги предлагаат познати групи.

„Минатата година имаше поскапувања за три милијарди евра, а во јануари побараа уште 1,2 милијарди евра“, вели Моза.

Откако чоколадите  на корпорацијата Марс веќе исчезнаа од многу продавници, најверојатно истата судбина наскоро ќе ги снајде и пелените од брендот Pampers.

До јуни, според прогнозата, пелените треба да исчезнат од полиците. Тогаш залихите ќе се потрошат. Затоа Едека моментално бара друг добавувач на пелени.

Корпорациите гледаат само на профитот

Шефот на најголемиот германски синџир рече дека не може да ги разбере барањата за повисоки цени. Многу суровини како пченицата и нафтата се поевтини.

Моза ги обвинува големите корпорации дека гледаат само на профит.

„Алчноста на добавувачите на меѓународни брендови не стивнува. Очигледно сме во фаза кога бренд индустријата ги максимизира своите резултати и претпочита да се откаже од испораката“, рече тој.

Моза зборуваше за јасен двоцифрен раст на заработката во корпорациите. Во малопродажбата, пак, трговците се задоволни ако можат да остварат профит од четири проценти.

Критики поради поскапувањето на храната

Лидерот на синџирот, кој вклучува 11.000 продавници, ги критикуваше огромните флуктуации на цените на храната.

Со првиот истрел во Украина, цените на пченицата експлодираа. Моза рече и дека трошоците за транспорт на контејнери од Азија значително се намалиле, па се надева дека тоа ќе влијае и на цените.

Како алтернатива, Eдека се обидува да најде други добавувачи и да стави повеќе производи од сопствен бренд на полиците. Се чини дека војната со цените сè уште не влијаела на продажбата на намирници, бидејќи заработката е зголемена.

Фото: Facebook