Alitalia во преговори за преземање со Етихад

28

alitaliaНационалниот авиопревозник на Обединетите Арапски Емирати, Етихад, по купувањето на 49% од српски ЈАТ и индиски Jet, би можел во својата мрежа да ја додаде и италијанската Alitalia, пренесува Ројтерс.

Според италијанскиот весник Sole 24 ore, преговорите се веќе во тек. Двете компании се уште не се огласиле по повод оваа вест, но весникот наведува дека нивни високи претставници веќе имале неколку состаноци.

Една четвртина од капиталот на Alitalia, која веќе со години има финансиски проблеми, има Air France-KLM, а дел е во сопственост на конзорциум од италијански компании како што се Banca Intesa Sanpaolo, Atlantia и IMMSI.

По купувањето на српски ЈАТ, по медиумите се пишуваше дека Етихад е заинтересиран и за хрватскиот национален авиопревозник Croatia Airlines, но од компанијата ги демантираа овие гласини.

За Croatia Airlines интерес покажале авиокомпаниите Garuda Indonesia и кинеската China Southern Airlines, а се очекува тендерот за продажба хрватската влада да го распише најдоцна до 15 октомври.