📽„Алкалоид“ го комплетираше првиот настан за развој на лидерство

92

Наменет за менаџерскиот тим на „Алкалоид“ во земјава и во ентитетите во странство, овој настан е уште еден доказ за целосната посветеност на компанијата за јакнење на лидерските способности и за инвестирање во професионалниот раст и развој на својот менаџмент. 

Во време на брзи промени, кога технологијата управува со луѓето, а вештачката интелигенција зема сѐ поголем замав, развојот на човечкиот потенцијал и градењето соодветни вештини се од клучно значење за развој на бизнисите, вклучувајќи го и лидерството како клучна алка во животниот циклус на секоја компанија.

Во улога на говорници на алкалоидовиот настан „Развој на лидерството“ беа еминентни светски експерти од областа: Хари Крамер, поранешен извршен директор на фармацевтскиот гигант „Бакстер интернешанал“, автор, професор и извршен партнер во истакнатата американска школа „Келог школа за менаџмент“, кој говореше на тема „Лидерство засновано на вредности“, и Оливие Сибони, поранешен сениор партнер во „МекКинси & компани“, француски консултант, академик и автор, моментално професор по стратегија и менаџмент на престижниот француски универзитет „ХЕК Париз“, кој се осврна на темата „Процесот на донесување одлуки“.

„Голем предизвик за сите компании во денешно време не е само регрутирањето на најдобрите кандидати на пазарот на трудот, туку и задржувањето преку креирање мотивирачка и инспиративна работна средина во која луѓето целосно ќе ги вложат своите потенцијали“, истакна генералниот директор и претседател на Управниот одбор на компанијата, Живко Мукаетов, нагласувајќи:

„Одликите на менаџерите, нивните компетенции, знаење, вештини и континуираното надградување може да направат вистинска разлика во севкупните перформанси на компанијата, затоа што секој производ, секој бренд и секој потфат на ’Алкалоид’ се должат на ЛУЃЕТО пред сѐ. Лидерството е динамичен процес за кој се неопходни многу жртви, приспособувања, силна волја, посветеност и напорна работа, а добрите лидери секогаш креираат нови лидери.“

На врвот на приоритетите на секоја современа, амбициозна и успешна компанија се организациската култура, постојаниот фокус на резултатите и високото ниво на етички вредности. Со поттикнување на клучните лидерски вештини, низ развој заснован на вредности и на ефектно донесување одлуки, „Алкалоид“ ги афирмира своите професионални заложби за долгорочен успех и за одржлив раст.