Најуспешната македонска компанија „Алкалоид“ годинава ќе ја заврши со извоз од околу 180 милиони евра, што се високи 70% од вкупните консолидирани продажби на компанијата. Живко Мукаетов, првиот човек на „Алкалоид“ очекува тешка, но успешна година за компанијата, која и покрај бројните предизвици во изминатиот период успеа значително да го зајакне присуството на многу европски пазари, кои се најголем приоритет за зголемување на извозот во следниот период.
Силно сме фокусирани на многу внатрешни подобрувања и оптимизации, со цел да ја зголемиме рационалноста на сите можни процеси. На тој начин сме убедени дека ќе излеземе уште поподготвени во насока на надминување на тековните и пресретнување на идните предизвици, вели во интервју за специјалната едиција „ТОП 100 извозници“ Генералниот директор/Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов.
На прашањето кои извозни пазари имаат потенцијал за раст за „Алкалоид“, дали има отворено некој нов пазар во изминатата година и дали се планира влез на нов извозен пазар следната година Мукаетов вели дека традиционалните пазари од регионот се основата на нашето работење. Но, во изминативе години значително е зајакнато присуството и на многу ЕУ-пазари. Според тоа, потенцијалот за раст на компанијата, пред сѐ, го гледаат токму на овие пазари, како прв приоритет.
„Секоја година отвораме и по неколку нови пазари, па во 2023 година може да обележиме дека обезбедивме наше присуство и во Италија, на Малта, понатаму во Чиле, Австрија, Саудиска Арабија итн. Оваа година, исто така, отворивме и наша компанија во Букурешт, со што правиме нов квалитативен исчекор врзано за нашето присуство на романскиот пазар.Нашите очекувања се оваа година да оствариме вкупен извоз од околу 180 милиони евра, што би претставувало учество од близу 70% во вкупните консолидирани продажби на „Алкалоид“, потенцира Мукаетов.