Алкалоид и претстави ново научно сознание на светската јавност

41

alkaloid Истражувачкиот тим на Алкалоид во директна соработка со престижниот Институт Макс Планк од Штутгарт и Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет-Скопје, првпат во светски рамки ја реши кристалната структура на соединението кодеин фосфат сесквихидрат, супстанца која зазема значајно место во фармацевтската индустрија и се употребува повеќе од половина век.
Познавањето на кристалната структура на секое фармацевтски-активно соединение, соопшти Алкалоид е од исклучителна важност за детално дефинирање на неговите физичко-хемиски својства.
Добиените резултати од ова значајно откритие се објавени во едно од трите најреномирани научни списанија во областа на хемијата на светско ниво – Chemical Communications. Резултатите се публикувани во вид на оригинален научен труд под наслов On the hydrates of codeine phosphate: The remarkable influence of hydrogen bonding on the crystal size. Главниот експеримент беше изведен во Институтот Макс Планк во Штутгарт, од страна на м-р Томче Рунчевски, научен соработник на Алкалоид.
Овој исклучително значаен научен предизвик, чии резултати се плод на тригодишна континуирана систематска студија, како што се наведува, претставува огромен успех за Алкалоид како македонска компанија, но и за целокупната домашна и светска научна јавност.
Компанијата и во иднина ќе продолжи да ги поддржува проектите од овој тип, кои придонесуваат за дополнителна афирмација на Република Македонија во светот.
Пред неполна година, истражувачкиот тим на Алкалоид, по иницијатива на д-р Ѓорѓи Петрушевски, првпат пред научната јавност ја презентираше кристалната структура на соединението фолкодин монохидрат, во соработка со две научно-истражувачки лаборатории, стои во соопштението од компанијата.