Алкалоид и во 2015 ќе продолжи со инвестиции во производство, современи технологии и човечки ресурси

44

alkaloid

Фармацевтската компанија Алкалоид и во 2015 година ќе продолжи по курсот на развојот, ќе продолжи да инвестира во производните капацитети и во современите технологии, во човечки ресурси и во заедницата воопшто, пишува во бизнис планот за 2015 година.

Бизнис планот, како што се наведува, е базиран на реалните очекувања, проекции и можности на тековните и новите пазари и производи, како и на политиките за управување со ризик и зголемување на ефикасноста на сопствените ресурси.

“Бизнис планот за 2015 година предвидува инвестирање на околу 10% од консолидираните продажби во материјални и нематеријални средства од сопствени извори, раст од најмалку 6% на консолидираните продажби во однос на очекуваните за 2014 година, како и раст од најмалку 6% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на очекуваниот за 2014 година“, стои во бизнис планот на компанијата.

Сегментирано по профитни центри, 83% од консолидираните продажби се очекува да ги реализира профитниот центар Фармација, а 17% профитниот центар Хемија, козметика, билкарство.

Компанијата очекува 40,8% од консолидираните продажби да бидат остварени на домашен пазар, додека 59,2% од извоз.

Кога станува збор за пазарите, во бизнис планот се наведува дека прв приоритет и понатаму останува регионот. Како втор, односно трет приоритет се наведуваат земјите од ЕУ, САД, Русија и од земјите што припаѓаат на Заедницата на независни држави, како и останатите пазари.