Алкалоид прокнижи добивка од 862,4 милиони денари во 2018 година

28

Фармацевтската компанија Алкалоид, во период од први јануари до 31-ви декември лани, евидентираше вкупна сеопфатна добивка од 862.411.000 денари, покажува неревидираниот консолидиран биланс на успех, објавен на Македонска берза.

Една година претходно, добивката на компанијата изнесуваше 809.277.000 денари.

“Остварената консолидирана нето добивка во 2018 година изнесува 862.411.000 денари и во споредба со остварената во 2017 година, бележи зголемување за 7%“, стои во Образложението за остварените резултати.

Вкупните приходи од продажба, заклучно со 31-ви декември 2018 година, беа на ниво од 9.783.286.000 денари. Од тој износ, на домашен пазар отпаѓаат 3.624.093.000 денари, додека поголемиот дел од 6.159.193.000 денари е остварен на пазари во странство.

“Од вкупните консолидирани продажби, 63% се остварени на странски пазари. Најголем пораст кај извозните пазари е остварен во следните земји: Унгарија раст од 307%, Полска раст од 306%, Украина раст од 86%, Чешка раст од 62%, Грузија раст од 51%, САД раст од 22%, Србија раст од 21%, Косово раст од 20%, Бугарија раст од 10%, Романија раст од 5% итн“, стои во Образложението.

Вкупните инвестиции во основни средства во текот на минатата година изнесуваат 1.081.737.000 денари.

Во компанијата минатата година се реализирани 212 нови вработувања во земјата.