Алкалоид: Раст на добивката, продажбите, инвестициите и вработувањата во 2020 годинара

83

Фармацевтската компанија Алкалоид планира нето добивката за следната 2020 година да се позиционира на 18.250.000 евра, покажува Бизнис планот за 2020 година објавен на Македонска берза.

“Планираниот биланс на успех предвидува раст од 10% на консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (EBITDA). Консолидираната нето добивка е предвидена со раст од најмалку 7% во однос на очекуваната за 2019 година“.

Во однос на приходите од продажба, Бизнис планот за 2020 година предвидува консолидирани продажби од над 190 милиони евра, што претставува раст од 7% во однос на очекуваните за 2019 година. Анализирано по профитни центри, 86% од консолидираните продажби се очекува да ги реализира профитниот центар Фармација, а 14% профитниот центар Хемија, Козметика, Билкарство.

Во однос на пазарите, се очекува 35% од консолидираните продажби да бидат остварени на домашен пазар, додека 65% од извоз.

Алкалоид во 2019 година започна со инвестиции во нови производни одделенија на површина од 7.000 метри квадратни. Тоа ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50%, односно од сегашниот капацитет од речиси две милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од три милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми. Вкупниот износ на инвестицијата е проценет на 11 милиони евра. Со комплетирање на оваа инвестиција, планирано за првата половина од годината што следува, ќе се создадат услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот Фармација.

За 2020 година, предвидена е финализација проектот за гасификација на локалитетот Алкалоид – Ѓорче Петров со цел подобрување на енергетската ефикасност и намалување на штетни емисии во воздухот. Проектот е вреден над еден милион евра.

Компанијата, исто така, набавува нова машина за пакување на филтер чаеви во вредност од 1,3 милиони евра во сегментот Билкарство.

Алкалоид за 2020 година очекува околу 100 нови вработувања, како и 50-тина вработувања во друштвата во странство.

Во однос на акциите на компанијата, коишто котираат на официјалниот пазар на Македонска берза, нивната цена во 2019 година се движеше од 8.200 до 11.800 денари или просечно 9.493,29 денари за една акција. Пазарната капитализација на Алкалоид надмина 16 милијарди денари.

Инаку, Групацијата Алкалоид е составена од две подружници во земјата, како и 16 подружници и две претставништва во: Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, Турција, Украина, Русија и САД.

Компанијата има 1.620 вработени во земјата и 492 во подружниците и претставништвата во странство.

Фото: Facebook