Алкалоид со добивка од 587,3 милиони денари ги заокружи деветте месеци од оваа година

37

Фармацевтската компанија Алкалоид во период од први јануари до 30-ти септември оваа година оствари вкупна сеопфатна добивка во висина од 587.393.000 денари, покажува консолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

Во текот на деветте месеци лани, компанијата евидентираше добивка од 553.940.000 денари.

“Остварените консолидирани вкупни приходи во периодот јануари – септември 2018 година изнесуваат 7.398.630.000 денари и во споредба со остварените во истиот период во 2017 година бележат пораст од 8%. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, 98%, имаат приходите остварени со продажба на производи и услуги кои во споредба со остварените во 2017 година бележат пораст од 9%“, стои во Образложението за остварените резултати.

Приходите од продажба на компанијата, од први јануари до 30-ти септември изнесуваат 7.216.851.000 денари. На домашен пазар реализацијата беше на ниво 2.686.530.000 денари, додека на пазари во странство достигна 4.530.321.000 денари.

“Од вкупните консолидирани продажби, 63% се остварени на странски пазари. Најголем пораст кај извозните пазари е остварен во следните земји: Унгарија раст од 330%, Полска раст од 247%, Чешка раст од 149%, Украина раст од 120%, САД раст од 86%, Грузија раст од 27%, Србија раст од 25%, Романија раст од 22%, Косово раст од 21% итн“, стои подолу во Образложението.

Од почетокот на година до крајот на септември, во Алкалоид се реализирани 144 нови вработувања во земјава.