Алкалоид со добивка од 847,4 милиони денари за девет месеци

62

Фармацевтската компанија Алкалоид оствари вкупна сеопфатна добивка од 847.483.000 денари, во период од први јануари до 30-ти септември оваа година, стои во консолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

Во деветте месеци од минатата година, компанијата имаше добивка од 738.605.000 денари.

“Остварената консолидирана нето добивка во 2020 година изнесува 847.483.000 денари и во споредба со остварената во 2019-та година, има зголемување за 15%“, стои во Образложението за остварените резултати.

Вкупните приходи од продажба на крајот на 30-ти септември имаа салдо од 8.929.100.000 денари, од кои на домашен пазар се реализирани 3.139.042.000 денари, додека продажбата на странски пазари е 5.790.058.000 денари.

“Од вкупните консолидирани продажби, 65% се остварени на странските пазари. Најголем пораст кај извозните пазари е остварен во Чешка (раст од 43%). Албанија бележи раст од 36%, Романија раст од 30%, Грузија раст од 15%, Ерменија раст од 15%, САД раст од 14%, Словенија раст од 12%, Србија раст од 12% итн“, стои во Образложението.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-септември 2020 година изнесуваат 1.178.727.000 денари и се поголеми за 96% во однос на истиот период од 2019 година.

Во периодот јануари-септември 2020 година во Алкалоид се реализирани 175 нови вработувања во Р.С.Македонија. На крајот на септември 2020 година во Алкалоид во земјата работат 1.822 вработени, додека во друштвата и во претставништвата во странство има вкупно 536 вработени или вкупно 2.358 вработени во групацијата. Со одлука на Управниот одбор на Алаклоид АД Скопје, во март 2020 година беше одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор на вработените во компанијата, во висина од 29.687 денари бруто, односно 26.718 денари нето.

Фото: Facebook