Според неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех, Алкалоид АД Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – март 2019 година.
Во периодот јануари – март, продажбите достигнуваат 2.101.073.373 денари, што е за 14% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Во периодот јануари – март, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 2.833.475.867 денари, што е за 15% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 2%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 23%.
Од вкупните консолидирани продажби, 32% се остварени на домашен пазар, додека 68% се остварени на странски пазари.
Повисокиот раст на продажбите во првиот квартал од 2019 година делумно се должи на задолжителната серијализација на производи за пазарите од ЕУ која започна на 09.02.2019 година.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 88%.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 490.980.742 денари бележи раст од 19%, додека нето консолидираната добивка во износ од 294.542.101 денари е зголемена исто така за 19%.
Во периодот јануари – март 2019 година во Алкалоид се реализирани 55 нови вработувања во Република Северна Македонија.