Фармацевтската компанија Алкалоид за 2018 година проектира нето добивка од 13.500.000 евра, покажува Бизнис планот објавен на Македонска берза.
“Бизнис планот за 2018 година предвидува инвестирање на околу 10% од консолидираните продажби во материјални и нематеријални средства од сопствени извори, раст од најмалку 7% на консолидираните продажби во однос на очекуваните за 2017 година, како и раст од најмалку 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на очекуваниот за 2017 година“, стои во Бизнис планот.
Сегментирано по профитни центри, 84% од консолидираните продажби се очекува да ги реализира профитниот центар Фармација, а 16% Хемија, Козметика и Билкарство. Се очекува 37% од консолидираните продажби да бидат остварени на домашен пазар, додека 63% од извоз.
Први приоритет на Алкалоид и во следниот период останува регионот, потоа земјите од ЕУ, САД, Русија и земјите од ЗНД, додека трет приоритет се останатите пазари.
Бизнис планот за 2018 година е донесен со одлука на Управниот одбор на Алкалоид на седница одржана на 27-ми декември.