Aloti_B и Aloti_M – единствени и уникатни битолски фонтови

109

fontojmontoj-rabotilnica-2

Група креативци од Битола водени од виртуозот за типографија г. Ласко Џуровски, за време на типографската работилница Фонтој – Монтој, го започнаа процесот на креирање на првиот и единствен Битолски фонт инспириран од Битолската плоча.

Во старата Ески џамија, срушена во 1956 година, е пронајдена камена плоча на која со кирилско уницијално писмо е напишано името Битол. Се претпоставува дека плочата потекнува од катедралната црква на Битолското кале и дека ја поставил внукот на цар Самуил.

Археолозите и историчарите се согласуваат дека плочата настанала при обновувањето на битолската тврдина од царот Иван Владислав. Академикот Владимир Мошин ја студирал содржината на текстот и претпоставува дека таа датира од 1016-1017 година.

Битолската плоча е натпис во кој Битола се спомнува за прв пат како град. Тоа значи дека Битола е стара над 1000 години. Колку за илустрација Москва е стара околу 800 години, Санкт Петербург околу 300 г.

По 1000 години, група креативци се собраа да го ресоздадат фонтот на Битолскиот натпис, односно да го креираат од денешна перспектива.

“Идејата на типографската работилницата Фонтој – Монтој беше да направиме Битолски фонт и по повод 1000 годишнината (2016-2017 г.) од постоењето на името Битола да им го подариме на граѓаните на Битола и Македонија на 4 ноември – Денот на ослободувањето на градот Битола”, изјави Ангела Христовска, графички дизајнер и иницијатор на процесот.

promo-poster-aloti-08

  • Фонтот Aloti_B ги почитува типографските норми, лесно е читлив и елегантен.
  • Фонтот Aloti_M ги крши типографските норми во обид максимално да се и интерпретираат формите од Битолската плоча. Овој фонт претставува модерна ревитализација на ракописот од пред 1000 години, нормално, со извесни прилагодувања за употреба на современите медиуми.

Фонтотовите Aloti_B и Aloti_M, кирилична и латинична верзија, се бесплатни и може да се преземат од: http://www.mycreativeteam.com/fontojmontoj.html

Сите оние кои ќе ги преземат, нека остават своја електронска адреса како би ги информирале за подобрените верзии за фонтовите.

Фонтот е жив производ кој подлежи на постојани подобрувања и со задоволство ќе информираме за сите промени, стои во соопштението.

Во процесот на изработка на фонтовите група графички дизајнери изработија постери инспирирани од фонтовите, процесот и креативната енергија.

Изложба на постерите е нареден чекор што ќе го преземе креативниот тим од Битола.