Аматерски хуманитарен велеслалом во Маврово

41

poster-bistra

Ски Центарот Маврово, од трети до петти февруари 2017, го организира 15-тиот аматерски хуманитарен велеслалом на патеката од Галичкиот ски лифт. Со организирање на овој настан ќе се покаже хуманоста на аматерите, кои собраните средства, ќе ги донираат на Републичкиот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост – ПОРАКА.

Компаниите може да пријавуваат екипи составени од тројца учесници – скијачи, кои ќе се натпреваруваат два дена во квалификациона и во финална тркa. Секоја компанија може да пријави повеќе тимови. Котизација за пријавување на еден тим изнесува 12.000 денари и тимовите скијачи може да се пријават на: http://eepurl.com/cyejWH.

Натпреварите се организирани професионално. Скијачкиот Центар од Маврово, во соработка со Скијачкиот сојуз на Македонија, изготви програма и пропозиции по кои ќе се одвиваат квалификационите и финалните трки. Времето на трката ќе се мери електронски. Директор на трките е реномираниот меѓународен судија, Виктор Крстевски -Викса, а традиционално, главен судија на натпреварувањето е Јохан Елзесер. За овој настан, патеката ќе ја постави Александар Атанасовски – Чаве од Алпскиот скијачки клуб “Скади”.

На хуманитарниот велеслалом веќе се пријавени тимови од голем број компании, како Македонски Телеком (секогаш е главен поддржувач и спонзор на самиот настан), потоа ОнеВип, телевизија Канал 5, Некстсенс, Комерцијална Банка, Горска, НЛБ пензиски фонд, АЕК, Контрола на летање, Асеко, Пелистерка, Ванила фуд и уште неколку компании кои ќе помогнат овој настан да придонесе за хуманоста кон оние на кои им е потребна помош.

Натпреварот ќе започне со квалификациско возење за сите пријавени натпреварувачи. Најпрво ќе стартуваат натпреварувачите во женска конкуренција, потоа оние кои се над 40-годишна возраст (сениори), а за крај, најмладите или сите кои се родени пред и заклучно со 1975 година. Најдобрите осум или 16 од секоја категорија ќе се квалификуваат за финалните паралелни трки во недела.

Котизацијата за учество на 15-тиот хуманитарен велеслалом треба да се уплати на:

Назив: Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА
Скратен назив: РЦПЛИП – ПОРАКА
Број на сметка: 300000000341088, Комерцијална Банка АД, Скопје
Даночен број: 4030984178108
Седиште: ул. 11 Октомври 42-а, 1000 Скопје