Американци го купија производството на Danone во Бугарија

73

danonАмериканскиот производител на млечни производи Schreiber foods ќе ги произведува производите на француската група Danone наменети за пазарите во Бугарија, Чешка и Португалија. Данон Сердика донесе одлука сопственоста на своите производствени капацитети во Софија да и ги пренесе на оваа американска компанија, која е нејзин долгогодишен партнер, се вели во официјалното соопштение на компанијата, пренесуваат бугарските медиуми.

“Тоа е глобално решение кое вклучува пренос на сопственоста на производствените капацитети на Danone и во Чешка и Португалија и е директно поврзано со стратегијата на Danone да обезбеди одржлив раст. Компанијата цели кон тоа да се зголеми конкурентноста и да ги оптимизира своите производствени капацитети и трошоци, имајќи го в предвид падот на пазарите во Европа”, вели Цветелина Георгиева, менаџер за комуникации во компанијата.

Договорот предвидува трансфер само на производствените капацитети во Софија на Schrieber Foods. Ќе бидат задржани сите работни места во фабриката и ќе се гарантира производство на производи за Danone во Софија.

Француската компанија Danone е основана во 1899 година и е меѓу најголемите компании во светот за производство на млечни производи, вода и др. Нејзините годишни приходи надминуваат 27 милијарди долари, а има преку 100.000 вработени. Во 1994 година го купува бугарското државно претпријатие Сердика – Софија, со што станува една од првите големи странски компании што приватизира државна фирма.