Американска компанија ја скенира земјава за инвестиција вредна 150 милиони евра

160

Американска компанија ја таргетира земјава како потенцијално место за реализација на своите инвестиции вредни околу 150 милиони евра. Како што соопшти денеска директорот на Дирекцијата на технолошко индустриските развојни зони Јован Деспотовски, менаџерскиот тим на компанијата ќе допатува во Скопје на почетокот на април.

„Во игра” за инвестициите на оваа американска компанија е целиот регион, но се смета дека најголема конкуренција на Северна Македонија и е Србија.

„Ние сме во потесен круг. Засега имаме најава само дека менаџерите на компанијата ќе дојдат, а веќе ни е испратен и деловен план. Располагаме со сите податоци за компанијата, но детали ќе објавиме кога целата работа ќе биде во напредна фаза. Она што е важно е дека имаме сериозно голема американска компанија која не е присутна во земјава и која поради ситуацијата во источниот дел од Европа најави на почетокот на април мисија во регионот, вклучително и во Северна Македонија. Неколку држави во регионот се скенираат. Ќе направиме се од наша страна за да ја убедиме компанијата да ги вложи средствата во нашата држава“, рече Деспотовски.

На брифинг со новинарите тој информира и дека чешки компании ја разгледуват можноста да го преселат производството од Русија во земјава. Дел од нив се од автомобилската индустрија.

Две компании, пак, кои се веќе присутни во нашите индустриски зони, побарале да им се овозможи фирмите ќерки од Украина целосно да ги преселат во земјава. Според Деспотовски, доколку нема промена во ваквото барање за кое е разговарано со компаниите пред околу две недели, трансферот на капацитетите би се реализирал брзо, за три до шест месеци. Тоа би значело и отворање нови работни места, околу 2 000 во едната и уште 1 200 во другата компанија.

„Воопшто не се радуваме на вакви инвестиции, но ќе излеземе во пресрет. Компаниите немаат никакви посебни побарувања од типот бенефиции или помош, туку напротив, само практични. Всушност, стравуваат дека поради континуитетот на конфликтот работниците ќе им избегаат. Не се толку засегнати од воените дејства, колку што се плашат дека нема да има кој да им работи. Ние им помагаме да најдат физички простор каде ќе може да го преселат производството“, истакна Деспотовски, додадавјќи дека механизми има, а може да се стават на располагање и дел од постојните капацитети.

Директорот уверува дека и покрај кризата, застој во инвестициите нема. Дури, како што напомена, некои компании најавуваат и проширување на своите капацитети.

Според Деспотовски, минатиот месец е евидентиран значителен раст на економската активност во индустриските зони не само во однос на јануари 2022, туку и во однос на февруари 2021, што укажува дека ситуацијата е стабилна, пренесува МИА.

„Имаме и добра, како и навремена реализација на обврските кон компаниите. Само преку Дирекцијата кон компаниите во зоните минатата година се исплатени 731 милион денари или околу 20 милиони евра државна помош. Годинава, за државна помош на компаниите се предвидени 720 милиони денари. За постојните инвеститори, но и за новите со кои во моментот склучуваме договори, вкупниот обем на обврски на државата за исплата на помош, надминува 1,2 милијарди денари. Тука не влегуваат царински ослободувања, ниту ослободување за персонален и данок на добивка“, потенцира Деспотовски.