Американскиот производител на електрични автомобили Ривиан денеска отвори технолошки центар во Белград каде ќе бидат вработени 200 инженери, а потпретседателот на Ривиан за развој на софтвер, Васим Бенсаид им се заблагодари за поддршката што ја добиле од Србија.
Бенсаид истакна дека софтверот е суштината на искуството што компанијата им го нуди на клиентите.
„Тоа одредува како возилата се движат и комуницираат со светот. За да го постигне сето тоа, на Ривиан му се потребни најдобрите инженери во светот, а ние многу намерно го избравме Белград. Имате активна технолошка сцена, и јас сум среќен што можеме да им посакаме добредојде на новите колеги“, рекол Бенсаид, а пренесува агенцијата Бета.
Компанијата Rivian е основана во 2009 година и се занимава со дизајн и производство на електрични возила. Првите модели на возила се R1T, пикап со два реда седишта за пет патници, кој беше прогласен за најдобро возило во својата категорија, како и R1S, теренец со три реда седишта за седум патници.
На отворањето на технолошкиот центар присуствуваа претседателот на Србија, Александар Вучиќ и американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил.
Вучиќ оцени дека доаѓањето на Ривиан во Србија е од особено значење и дека на доаѓањето на тој инвеститор се работи повеќе од година и пол, како и дека Србија е единствената земја, покрај САД и Канада, каде отворија технолошки центар.