
Планираното воведување американски царини за стоки од Бразил би можело да доведе до зголемување на цените на кафето на глобално ниво, велат експертите, со оглед на рекордно високите цени што веќе ги погодуваат пазарите низ целиот свет.
Според „Њујорк тајмс“, новите царини дополнително би ја оптовариле индустријата за кафе, во време кога суши ги погодија Бразил и Виетнам – двата најголеми извозници на кафе во САД – предизвикувајќи намалени приноси и зголемување на цените.
Просечната цена на околу половина килограм печено кафе во САД се искачи на 7,93 долари од 5,99 долари минатата година.
Речиси сите потрошувачи на кафе во САД консумираат кафе со потекло од Јужна Америка, Африка и Азија, при што САД увезуваат околу 1,6 милиони метрички тони кафе.
Аналитичарот на индустријата за кафе, Гилермо Моја, проценува дека трговијата меѓу САД и Бразил би можела да доведе до ситуација во која двете страни губат.
„Доколку стапи во сила царината од 50 проценти, ќе видиме пренасочување на протокот на кафе низ целиот свет, особено од Бразил кон други региони“, рече Моја.
Зголемувањето на цените на големо на кафето од 10 проценти би можело да значи зголемување од 25 центи на цената на шолја кафе, според Рајан Камингс, економист на Институтот Стенфорд.
Камингс предупредува дека „царинската стратегија на претседателот Доналд Трамп би можела да ги стави производителите на кафе во многу несигурна позиција“.
Големите синџири како Старбакс купуваат кафе од целиот свет во големи количини со месеци однапред, што може до одреден степен да ги заштити од ненадејни скокови на цените. Сепак, помалите добавувачи кои се обидуваат да ги избегнат новите царини ќе бидат најпогодените.
Дополнително, царините би можеле да влијаат на квалитетот на кафето увезено во Соединетите Држави, со оглед на тоа што Бразил главно одгледува висококвалитетна арабика, додека Виетнам и другите азиски земји произведуваат робуста со понизок квалитет.
Виетнам и другите производители ќе имаат тешкотии да го стигнат производството на Бразил, вели Дејвид Ганц, економист на Универзитетот Рајс. Тој истакнува дека некои производители во Бразил целосно ќе го прекинат производството, додека други ќе продолжат да работат, но по повисоки цени.
„Њујорк тајмс“ нè потсетува дека кафето се одгледува во специфични услови – најдобро успева на големи надморски височини и во тропски клими со обилни врнежи од дожд. Во Соединетите Американски Држави, кафето може да се одгледува само на Хаваи и Порторико.
Кафето произведено на Хаваи се смета за деликатес и обично е два до три пати поскапо од комерцијалното кафе. Сепак, производството на Хаваи е придружено со високи трошоци за работна сила, вода и електрична енергија, што значи дека не може да се очекува домашното производство да ги одржи сегашните цени.
На крајот, „Њујорк тајмс“ заклучува дека повеќето потрошувачи ќе продолжат да пијат кафе, додека помал број ќе се свртат кон алтернативи со кофеин – како што се чај и енергетски пијалоци.