Американските фабрики забележаа пораст на нарачките во април

Американските фабрики добиле нарачки од вкупно 588,2 милијарди долари во април, што е за 0,7 отсто повеќе отколку во март, објави Министерството за трговија.

Официјалните статистики се малку подобри од очекувањата на аналитичарите од Волстрит, јавуваат американските медиуми и претставуваат трет последователен месец на раст, пренесува Мина.

Исто така, во март американските фабрики добија 0,7 отсто повеќе нарачки од претходниот месец. Нарачките на трајни производи се зголемени за 0,6 отсто во однос на март, а на нетрајни производи за 0,8 отсто.

Нарачките за основните капитални добра, без секторите за одбрана и воздухопловство, кои треба да бидат добар предвидувач за идните инвестициски одлуки на компаниите, во април пораснале за само 0,2 отсто на месечна основа.