Американските научници кои ги создадоа првите живи роботи: „Сега можат да се репродуцираат“ (ВИДЕО)

114

Американските научници кои ги создадоа првите живи роботи велат дека формите на живот, познати како ксеноботи, сега можат да се репродуцираат на начин што не е виден кај растенијата и животните, пишува Си-Ен-Ен.

Формирани од матичните клетки на африканската канџаста жаба (Xenopus laevis), по која се именувани, ксеноботите се широки помалку од еден милиметар. Ситните грутки првпат беа откриени во 2020 година, откако експериментите покажаа дека можат да се движат, да соработуваат во групи и сами да се лекуваат.

Сега, научниците кои ги развиле на Универзитетот во Вермонт, Тафтс и Институтот Вајс на Харвард, рекоа дека откриле сосема нова форма на биолошка репродукција различна од кое било животно или растение познато на науката.

„Бев воодушевен“, вели Мајкл Левин, професор по биологија и директор на Центарот „Ален Дискавери“ на Универзитетот Тафтс, кој е коавтор на новото истражување.

-Жабите имаат начин на размножување кој обично го користат, но кога ќе ги ослободите (клетките) од останатиот дел од ембрионот и ќе им дадете шанса да разберат како да се најдат во нова средина, не само што го сфаќаат новиот начин на движење, но очигледно и новиот начин на репродукција – истакна тој.

Робот или организам?

Матичните клетки се неспецијализирани клетки кои имаат способност да се развијат во различни типови на клетки. За да направат ксеноботи, истражувачите зеле живи матични клетки од ембрион на африканската жаба и ги оставиле да се инкубираат. Немало манипулација со гени, посочува Си-Ен-Ен.

„Повеќето луѓе мислат дека роботите се направени од метал и керамика, но не е толку важно од што е направен роботот туку што прави тој, а тоа е да дејствува независно во име на луѓето“, вели Џош Бонгард, професор и експерт за роботика на Универзитетот во Вермонт и главен автор на студијата.

– На тој начин се работи за робот, но јасно е и дека организмот е направен од генетски немодифицирана клетка на жаба – додаде тој.

Научниците открија дека ксеноботите, кои првично биле во сферична форма и направени од околу 3.000 клетки, можат да се реплицираат. Но, тоа се случува ретко и само во конкретни околности.

Облик на „Пекмен“

– Ксеноботите користат таканаречена „кинетичка репликација“, процес за кој е познато дека се случува на молекуларно ниво, но никогаш досега не бил забележан на ниво на цела клетка или организам – истакна Бонгард.

Со помош на вештачката интелигенција (АИ), истражувачите потоа тестирале милијарди телесни форми за да ги направат ксеноботите поефикасни во овој тип на репликација. Суперкомпјутер излезе со C-облик кој потсетува на познатиот „Пекмен“, видео игра од осумдесетите.

Откриле дека е способен да најде ситни матични клетки, собирајќи стотици од нив во устата, а неколку дена подоцна еден куп клетки станале нови ксеноботи.

– Вештачката интелигенција не ги програмирала тие машини како што вообичаено мислиме за пишување код. Таа го изваја и го дизајнираше овој „пекмен“ облик. Формата е, во суштина, програма. Обликот влијае на тоа како ксеноботите ќе се однесуваат за да го интензивираат нивниот неверојатно изненадувачки процес – рече Бонгард.

Студијата беше објавена во понеделникот во научното списание PNAS.