Aмстердам, прв град во светот што ќе го имплементира моделот “крофна“

125

Размислувајќи за животот по пандемијата, Амстердам одлучи да го прифати т.н. модел на крофна.

Моделот крофна ја отфрла глобалната поврзаност за (неограничен) економски раст и законите на понуда и побарувачка и служи како водич којшто може да покаже како е можно да се живее во рамнотежа со планетата.

Главна претпоставка на моделот е дека целта на државните активности треба да биде исполнување на основните потреби на сите граѓани, пишува eKapija.

Додека се чува сигурноста на граѓаните за време на пандемијата во главниот град на Холандија, градските власти и британската економистка Кејт Раворт од Универзитетот Оксфорд планираа како градот ќе постапува по епидемијата.

Раворт е инаку авторка на книгата Doughnut Economics: Seven Ways to Think Like a 21st-Century Economist.

Амстердам формално го прифати таканаречениот модел крофна, како поаѓалиште за одлуките за јавни политики, со што стана првиот град во светот којшто се обврза на такво нешто.

Внатрешниот прстен на крофната го одредува минимумот што е потребен за да водиме добар живот, кој произлегува од целите на Обединетите Нации за одржлив развој: од чиста храна и вода до одредено ниво на сместување, санитарна заштита, енергија, образование, здравство, родова рамноправност и приходи.

Надворешниот прстен, пак, претставува еколошки плафон што го одредиле научниците и ги претставува планетарните граници на системот, преку кои човековиот род не смее да премине за да не ја оштети климата, почвата, океаните, озонската обвивка и биолошката разновидност.

Фото: Pixabay