Цените на нафтата беа малку променети во вторникот, по падот во претходното тргување, бидејќи планот на САД да купат нафта за стратешката нафтена резерва обезбеди одредена поддршка на цените. САД во понеделникот објавија дека бараат до три милиони барели нафта за стратешки нафтени резерви, за испорака до мај следната година.
Фјучерсите на нафтата брент поскапеа за четири центи на 71,46 долари за барел, додека американската сурова нафта Вест Тексас Интермедијт (WTI) поевтини за еден цент на 67,37 долари за барел.
Двата договори паднаа за шест отсто во понеделникот, на најниската вредност од 1 октомври. Во САД, залихите на сурова нафта и бензин веројатно пораснаа минатата недела, додека залихите на дестилати паднаа, покажа прелиминарното истражување на Ројтерс во понеделникот.
„Иако изгледите за ситуацијата на Блискиот Исток остануваат алармантни, пазарот очекува привремено затишје во одмаздничките напади меѓу Израел и Иран. Планот на САД за надополнување на стратешките нафтени резерви обезбеди одредена поддршка на пазарот“, рече Хиројуки Кикукава, претседател на NS Trading, единица на Nissan Securities.
Кикукава, исто така, предвиде надолен тренд на цените, бидејќи врвот на побарувачката за керозин во зимската сезона во северната хемисфера е сè уште далеку, додека побарувачката во Кина останува слаба.
На Блискиот Исток ситуацијата не се смирува и нападите се повеќе насочени кон воени цели, намалувајќи ги стравувањата дека Израел би можел да ги нападне иранските нуклеарни постројки или нафтената инфраструктура. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, во понеделникот изјави дека Иран „ќе ги искористи сите достапни алатки“ за да одговори на нападот на Израел во текот на викендот.