Ангеловска-Бежоска: Денарот е стабилен и ќе продолжи да биде стабилен, граѓаните не треба воопшто да стравуваат

31

Денарот е стабилен и ќе продолжи да биде стабилен, граѓаните не треба воопшто да стравуваат. Народната банка има институционален капацитет и соодветен монетарен инструментариум за одржување на стабилноста. Впрочем и во последниот извештај на Меѓународниот монетарен фонд, од февруари, јасно се посочува дека воопшто не се доведува во прашање стабилноста на курсот на денарот, вели во гостување на Топ Тема, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

„Повеќе од две децении, Народната банка води политика на одржување на стабилен курс на денарот во однос на еврото, вклучително и во кризни периоди, што самото по себе говори дека централната банка има институционален капацитет и соодветен монетарен инструментариум за одржување на стабилноста на курсот. За да една ваква стратегија е одржлива, централната банка мора да има доволно ниво на девизни резерви. Нашето ниво на девизни резерви во моментот е поголемо од 3 милијарди евра, односно 3,3 милијарди евра. За споредба, сега имаме два пати повисоко ниво на девизни резерви во однос на она за време на глобалната финансиска криза во 2008 година. Ако тогаш сме успеале да се справиме со таа криза, со двојно пониско ниво на девизни резерви, сега навистина нема никаква причина за загриженост на граѓаните”, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Таа посочи дека честопати во кризни епизоди се шпекулира за курсот, како и дека тoa не носи корист никому, туку прави општа штета. Оттаму, гувернерката апелира на општествена одговорност на секој поединец, бидејќи од стабилноста на курсот зависи и макроекономската стабилност, која е клучна за просперитетот на нашата економија.

Во однос на шпекулативните обиди во сегментот на менувачкото работење, гувернерката посочи дека при вонредната контрола во која биле опфатени околу 64 менувачници, кај една четвртина од нив се констатирала законска неусогласеност. Во тек е правна процедура, а по финализирање на истата ќе следи прекршочна постапка, додека во два случаи и одземање на лиценца.

„Контролите продолжуваат и понатаму. Нема да дозволиме било какви шпекулации во овој сегмент, затоа што имаме доволно ниво на девизни резерви. Самите банки имаат девизен потенцијал, и тие вршат менувачки работи, исто како и менувачите, така да граѓаните во секој момент можат да купат девизи од банките. Донесовме и измена на еден подзаконски акт. Целта беше да се овозможи доколку инцидентно се случи одреден менувач да нема доволно девизи во текот на денот, да може да купи девизи од банките. Досега тоа не беше овозможено, а причината е дека досега менувачите секогаш на нето основа имаат вишок на девизи. Дури ако ги погледнеме податоците во месец март, кога беше изразен овој притисок на агрегатно ниво на менувачкиот пазар, има вишок на девизи и тој вишок на девизи е повисок за 17% во однос на минатата година.”, посочува гувернерката.