Ангеловска-Бежоска: Денарот е стабилен, менувањето денари во девизи е непотребен трошок

226

Со целата одговорност, Народната банка стои зад тоа дека денарот е стабилен и ќе остане и понатаму стабилен. Нема причина за промена на курсот, тоа никому нема да му користи, вели во интервју за МИА гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Таа посочува дека Народната банка има капацитет и инструментариум да го одбрани курсот на денарот, доколку се јави потреба за тоа, за што говорат и изминатите речиси три децении, кога низ многу кризи успешно е одржана стабилноста на домашната валута. Девизните резерви се високи и изнесуваат 3,4 милијарди евра или се на двојно повисоко ниво во однос на 2008 година, која беше година на глобална финансиска криза, а стабилноста на денарот беше успешно задржана.

Во однос на информациите дека на пазарот нема девизи, гувернерката вели дека тоа не е точно и апелира до граѓаните да не подлегнуваат на ваквите шпекулации.

„Морам да го адресирам ова прашање, бидејќи реално овие шпекулации на граѓаните им создаваат материјална штета. Сведоци сме дека, во време кога се зборува за криза, сè уште дел граѓани прибегнуваат кон претворање на заштедите во девизни или да купуваат девизна готовина. Покрај тоа, се јавуваат и шпекулации дека на пазарот нема девизи, што апсолутно не е точно. На овој начин се прави неосновна паника и граѓаните, врз основа на шпекулации, плаќаат и повисока цена за промена на валутите и губат средства“, нагласува гувернерката.