Ангеловска-Бежоска: Стабилноста на девизниот курс – сидро на ценовната и финансиската стабилност

42

„Стабилноста на курсот на денарот и во текот на последната криза се покажа како сидро на стабилноста во домашната економија. Стратегијата на фиксен девизен курс спречи поголеми инфлациски притисоци, а придонесува и кон одржување на финансиската стабилност со оглед на релативно високата евроизација во кредитното портфолио на банкарскиот систем.” Ова беа дел од пораките на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на Тркалезната маса на гувернери, во рамките на Регионалниот состанок на гувернери, којшто се одржува во Опатија, Хрватска.

На тркалезната маса на гувернери на тема „Фатени во виорот: монетарните политики и малите отворени економии во услови на висока инфлација 2.0″, покрај гувернерката на Народната банка, учествуваа Борис Вујчиќ, гувернер на централната банка на Хрватска, Боштјан Васле, гувернер на централната банка на Словенија, Сенад Софтиќ, гувернер на централната банка на БиХ, Радоје Жугиќ, гувернер на централната банка на Црна Гора, како и универзитетскиот професор Саша Дрезгиќдекан на Економскиот факултет во Риека. Гувернерите врз основа на своите искуства зборуваа за монетарните политики во услови на инфлациски раст, како и за просторот за делување на централните банки на помалите отворени економии во услови на  глобални инфлациски шокови. По излагањата на панел-дискусијата, гувернерите одговараа и на прашања од студентите кои присуствуваа на настанот.

Во контекст на одржувањето на фиксниот девизен курс на денарот, а со тоа и макроекономската и финансиска стабилност во земјата, гувернерката посочи на соодветното ниво на девизните резерви, коишто според последните податоци изнесуваат 4,2 милијарди евра. Ова е историски високо ниво и е клучен показател на капацитетот за успешно спроведување на монетарната стратегија. Таа посочи и дека од почетокот на енергетската криза, поради високите увозни притисоци, за одржување на стабилноста, Народната банка интервенира на девизниот пазар со што овозможи задоволување на повисоката побарувачка на девизна ликвидност. Веќе од јули минатата година, на девизниот пазар дојде до значително стабилизирање, а Народната банка интервенира со откуп на девизи, што заедно со надворешното финансирање, обезбеди дополнителна поддршка на девизните резерви. 

За годинава се очекува намалување на трговскиот дефицит при постепено стабилизирање на берзанските цени (особено на енергентите), што ќе придонесе за помали притисоци врз увозот, но и при поповолна конјунктура за дел од извозниот сектор. Ова, заедно со  дополнителните текови преку финансиската сметка, и натаму би ги јакнело девизните резерви како основа за одржување на стабилноста на девизниот курс.